Ништо ново кога во прашање се настапите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите. 

Да, ново е тоа што пелистерци веќе немаат осум, туку девет порази во исто толку одиграни натпревари. 

И на гостувањето во Полска, се покажа дека овој Пелистер е далеку од ракометната елита. Пелистер загуби од европскиот вицепрвак Киелце со  35-25. 

„Рамноправни“ избраниците на Ангеловски беа само во првите 2,5 минути кога резултатот беше 3-3. Домаќините направија серија од 3-0 и се одлепија. Влегоа пелистерци во „машината“ на полскиот тим, кој во продолжението само ја зголемуваше разликата за на крај да слави со 10 голови разлика 

Цехте со 7 и Пешевски со 5 голови беа најефикасните во редовите на македонскиот првак, но, тоа беше премалку да се надополни за лошата игра во одбраната.

Следниот меч, последен за календарската година, Еурофарм Пелистер ќе го игра за седум дена (четврток 7 декември) кога во Битола ќе гостува Загреб (18.45 часот). 

Потоа следува пауза до средината на февруари, следната година.