Македонскиот вицепрвак Алкалоид го претрпе вториот пораз во Европската лига.

Вечерва во „Јане Сандански“ , а во натпревар од 3.коло на „Ф“ групата, Алкалоид е поразен од данскиот тим Бјерингбро Силкеборг со 23-31.

Избраниците на Лазаров одлично го отворија натпреварот и поведоа со 3-0. Сепак гостите брзо ги консолидираа редовите и веќе во 6.минута стигнаа до израмнување (4-4). Неколкуте грешки во нападот како и не реализираните удари од 7.метри (3/8) го чинеа многу Алкалоид. Противникот направи серија од 5-1 и во 20.минута поведе со 10-6. Следуваше уште еден налет на Силкеборг кој стигна и до највисоките +6 (14-8), за на полувреме да замине со предност од 4 гола (16-12).

Таквата предност данскиот тим знаеше како да ја одржува во второто полувреме и на крајот да стигне до победа со 8 гола разлика (23-31).

Најефикасен во редовите на Алкалоид беше Иван Џонов со 7, додека Мартин Серафимов додаде 5.

Кај победничката екипа се истакна голманот Ловквист кој заври со 18 одбрани од кои 4/7 по ударите од 7.метри.

Овие два тиме повторно ќе играат меѓусебно веќе следниот вторник (21 ноември).

Во оваа група во Нови Сад се игра и вториот натпревар во кој Војводина се среќава со шпанската Ла Риоха.

Ивона Кимовска