Младата репрезентација на Македонија до 21 година, денеска ги стартува подготовките за октомвриските квалификации.

Селекцијата предводена од Драги Канатларовски во третото коло од квалификациите за пласман на ЕП 2025 ќе се соочи со репрезентацијата на Молдавија.

Квалификацискиот меч против Молдавија ќе биде одигран на 17 октомври, на стадионот „Зимбру“ во Кишинев, со почеток во 17 часот по локално време.

Еден од клучните играчи на оваа генерација, Методи Максимов со свое видување за претстојните предизвици на младата репрезентација.

„Нé очекува еден исклучително тежок натпревар на гости против незгодната репрезентација на Молдавија. Имаме доволно време да се подготвиме за овој меч и добро да ја анализираме играта на противникот.

Молдавија ќе игра на домашен терен и сигурно ќе биде многу мотивирана да се покаже во што подобро светло пред своите навивачи, но ние имаме свои математики и цели и сигурно дека ќе се стремиме да одиграме најдобро што можеме и да обезбедиме позитивен резултат.

Владее одлична атмосфера и позитивна енергија во репрезентацијата. Сплотени сме и поседуваме голем квалитет. Тоа го покажавме и на претходните натпревари и се надевам дека ќе продолжиме да играме на високо ниво и на следните мечеви. – Одличниот колектив е најголемата одлика на овој тим.

Оваа репрезентација на Македонија може да се натпреварува и бори за висок пласман на овие квалификации,

изјави Максимов.

По првите две кола од квалификациите Македонија има освоено 3 бодови.

На стартот, избраниците на селекторот Драги Канатларовски славеа победа над Шведска на гостински терен. Во вториот беа поразени од Холандија на домашен терен.