Македонската ракометна репрезентација за играчи до 19 години попладнево го претрпе вториот пораз на Светското првенство во Хрватска. Поуспешни од нашите ракометари беа нивните врсници од Данска кои победија со 37:30 (18:12).

Со овој пораз нашите ракометари ги загубија шансите за четвртфиналето, а за разлика од Данска која веќе е четвртфиналист.

По стартното водство од 1:0 и 2:1 за Македонија, противникот направи серија од 3-0 за водство од 4:2 што се покажа како клучно бидејќи Данска имаше водтсво до крајот на дуелот. Македонските ракометари безуспешно се обидуваа да се доближат резултатски, а противникот постојано го зголемуваше водството кое на полувреме беше 18:12.

На стартот од вториот дел сепак успеваме да ја намалиме дел од предноста на противникот, но, само за кусо. Противниците брзо ја вратија предноста од полувремето (25:19). Македонија имаше уште неколку обиди да се врати резултатски и во 54.минута беше 31:28. Но, избраниците на селекторот Раде Стојановиќ како да немаа сили за комплетен пресврт и противникот пак направи серија од 6-0 за 37:28 што беше најава за победата.

Тобиас Толмбах и Ласе Вилхелмсен беа најефикасни кај Данска со по 7 голови, а кај Македонија Давид Димевски и Дејан Митев постигнаа по 6.

Македонија утре игра против Австрија (почеток 17:30 часот), селекција која вечерва од 19:30 ќе го игра дуелот со Норвешка.