Екипите на Работнички и Шкупи го одиграа последниот натпревар од првото коло во Првата македонска фудбалска лига. Работнички успеа да слави 3:1 и со 3 бода да ја започне новата сезона.

На романтичарите им беа потребни само 30 секунди за да ја затресат мрежата на гостите. Влатко Стојановски асистираше, а Атхе Мазари биеше прецизно за водство од 1:0.

Шкупи ја презеде иницијативата и создаде неколку прилики за погодок. Најсериозни шанси имаа Кристијан Трапановски во 19-тата минута и Куевен во 22-рата минута, меѓутоа Игор Алексовски не дозволи да биде совладан.

До самиот крај на првиот дел Петар Петковски имаше одлична прилика да го зголеми водството во 40-тата минута, меѓутоа биеше премногу млако.

Во вториот дел Работнички повторно прв ја презеде контролата на топката, но тоа не траеше долго. Одбранбените играчи на Шкупи одлично се снајдоа во противничкиот казнен простор во 62-тата минута, Михал Пинтер асистира, а Дарко Илиески го израмнува резултатот на 1:1.

Се играше 79-тата минута кога Марио Ричков невнимателно стартуваше над Георг Стојановски, а судијата Ставрев покажа на белата точка.

Минута подоцна, Мевљан Мурати беше сигурен реализатор и го доведе Работнички во водство од 2:1.

Длабоко во судиското надополнување Георг Стојановски ја потврди победата на Работнички и ги постави конечните 3:1.