Никола Миротиќ ги разочара навивачите на Партизан. Црногорецот за кој многу се пишуваше,  дека се сели во белградски Партизан, денеска самиот тој го демантираше.

Во неговата долга објава на Инстаграм, Миротиќ вели „нема ништо од трансфер“ поради заканите.

„Со недели излегуваат најразлични информации за продолжението од мојата кариера. Надвор од мојата волја и желба и без мое знаење, а секако далеку од вистината, се објавуваат наменски пишувани текстови. Некои од нив се фантазија и произволни заклучоци на поединци. Сето тоа предизвика големо внимание кое моето семејство и јас не го сакавме“, пишува Миротиќ.

Тој потврди дека веднаш по ваквите информации почнале и заканите.

„Откако во јавноста излегоа информации за мој трансфер во Партизан, почнаа закани и навреди кои многу ме изненадија и повредија бидејќи не сакам да бидам личност која ќе ги дели луѓето по каква било основа, а најмалку по боите на клубот. Одлучив да не бидам дел од таквата атмосфера и дека ни себе, ни семејството да го изложувам на натамошни непријатности“, потенцира Црногорецот.

Миротиќ откри дека заканите не биле од ривалот на црно-белите, Црвена Звезда, но и потврди дека кариерата сигурно нема да ја продолжи во Србија.

„Во интерес на вистината, морам да истакнам дека заканите не дојдоа од таборот на Црвена Звезда и дека со тој клуб секогаш имав добра комуникација и респект. Исто така, сакам да кажам дека мојата желба да играм за српски клуб не беше условена ни од финансиски понуди, ни од боите на кој било клуб – сакав само да играм во земјата која ја сакам. Му благодарам на Партизан на укажаната доверба и желбата да бидам дел од нивниот тим, но сепак донесов одлука дека за моето семејство и за мене е најдобро кариерата да ја продолжам во клуб надвор од Србија“, потенцира Миротиќ.

Инаку Миротиќ има сеуште актуелен договор со Барселона со во наредните две години треба да заработи околу 11 милиони евра.