Според грчки „Спортал“, најголемата ѕвезда на грчката кошарка, Јанис Антетокумпо речиси сигурно нема да игра на претстојниот Мундобаскет.

Причина за ваквата одлука на играчот на Милвоки и двократен МВП на најсилната лига во светот,  се проблемите со ногата и повредата која ја мачи веќе извесно време.

Отсуството на Јанис би му направило огромен проблем на селекторот Димитрис Итудис, бидејќи комплетната игра на Грција се базира на квалитетите на еден од најдобрите кошаркари на денешницата.

Покрај Јанис, Грците на Мундобаскетот ќе останат и без искусниот плејмејкер Костас Слукас, кој изрази желба да се одмори од репрезентативните обврски ова лето.

На претстојниот Мундобаскет чиј домаќин ќе бидат Филипините, Јапонија и Индонезија, Грција ќе игра во групата Ц заедно со Соединетите Американски Држави, Јордан и Нов Зеланд.