Магдебург е првиот тим кој се пласираше во финалето од Лигата на шампионите откако ја совлада екипата на Барселона актуелен првак со 40:39, по изведување пенали.

Во првото полувреме се играше израмнето и двете екипи покажаа извонредна игра, а голманите немаа можност да се искажат и имаа мал број на одбрани. Барселона успеа да направи блага разлика од +2 во 20-тата минута. Па до крајот на ова полувреме шампионот замина со два позитива (18:16).

Во второто полувреме двата тима го дадоа својот максимум и се бореа за секоја топка. На почетокот на оваа половина Барселона имаа предност од три гола, но Германците не се откажаа и израмнија на 21:21. Последните 15 минути се играше израмнето, а вистинска драма имаше во последната минута Каи Смитс погоди на три секунди до крајот за Магдебург да изедначи на 31:31, а ударот од центар на Блаж Јанц, Дагмард го одбрани на линијата од шест метри, што беше регуларно и следуваа продолженијата.

По дополнителните 10 минути немаше победник и пенали решаваа за победникот и финалистот.

Во пенал серијата Барселона го реализираше само првиот пенал (Гомез) за 39:38, а потоа промашија три седмерци, додека петтиот и клучен Мајк Јансен го одбрани. Магдебург ги реализираше првите два седмерци (Хорнке и Смитс) што беше доволно за победа од 40:39, иако имаа и два нереализирани.

Холандскиот репрезентативец кај Магдебург Каи Смитс со 12 голови беше најефикасен, додека Дамгард постигна 8 голови, а Н’ Гесан кај Барселона беше стрелец на 9 голови.

Магдебург со пласманот во финалето има шанса да освои уште една шампионска титула во Европа по трите освоени во 1978, 1981 и 2002 година.

Во второто полуфинале играат ПСЖ и Киелце.

Ивона Кимовска