Нема многу време за одмор на македонската фудбалска селекција. По синоќешниот пораз од Украина пред своите симпатизери во Скопје, македонската репрезентација, попладнево отпатува за Манчестер. 

Впечатоците од поразот со Украина се зад нив, па сега целиот фокус на црвено-жолтите е кон понеделничкиот натпревар против европскиот вице-првак Англија. 

Англичаните важат за апсолутни фаворити во мечот што ќе се игра на стадионот на Манчестер Јунајтед „Олд Трафорд“ кој според информациите од островот ќе биде исполнет до последното место, бидејќи веќе сите (речиси 74-илјади влезници) се распродадени. 

Ние пак ќе се надеваме дека традицијата ќе продолжи и дека и на третото гостување кај Англичаните ќе останеме не поразени. 

Натпреварот Англија – Македонија ќе се игра во понеделник со почеток од 20 часот и 45 минути.