Македонија ќе има само еден свој претставник на главниот дел од турнирот „Macedonian Open 2023“, и тоа Калин Ивановски.

Ова откако нашиот тенисер Обрад Марковски не успеа да се пласира во главната фаза. Тој во финалниот меч од квалификациите загуби од Карол Држевиецки од Полска. Противникот го доби мечот со 2-0 во сетови (6:2 и 7:5) за 1 час и 50 минути игра.

Првиот сет полскиот тенисер го доби со 6:2 без поголеми проблеми, а во вториот се водеше голема борба.

Марковски поведе со 3:0 во гемови, но противникот успеа да изедначи на 3:3. Во продолжението на мечот се водеше голема борба, а нашиот тенисер при резултат 5:4 на сервис на противникот пропушти брејк топка за изедначување во мечот.

Откако полскиот тенисер изедначи на 5:5 успеа да го добие сетот со 7:5, а воедно и мечот да го заврши како победник.

ФОТО: Игор Паневски