Селекцијата на Работнички е најдобрата во машката М14 лига за сезоната 2022/2023. Младите кошаркари од „Градски парк“, на „свој терен“, стигнаа до првото место, односно шампионскиот пехар наменет за најдобрите во оваа пионерска конкуренција.

Во финалето на турнирот во Скопје, беа доста подобри од ИБА Академија, на крајот тоа делува и убедливо 84:65 и апсолутно заслужено, четата на тренерот Нермин Пепиќ им се радуваше на златните медали.

Немаше многу дилеми во изборот на најкорисниот играч на дводневниот собир во Скопје. За своите одлични изданија на двата натпревари, особено во оној кој одлучуваше за шампионската титула, играчот на Работнички, Стефан Илиев покажа најмногу. Не само поради реализацијата на 33.поени, туку и поради улогата на носител на играта на сега веќе новиот пионерски шампион за сезоната 2022/2023.

Третото место на завршниот турнир одигран во „Градски парк“ им припадна на младите кошаркари на Вардар. Беа подобри, и тоа доста, од своите врсници од Куманово со 70:48.