Јубилејната 1000-та трка во историјата на Мото ГП шампионатот му припадна на пуленот на легендарниот Валентинот Роси од тимот на ВР46 Дукати, Марко Безеки кој ја забележа втората победа сезонава, во петата трка од 2023-та.

Тој на најдобар можен начин ги искористи излетувањата на своите најголеми конкуренти во 23-от круг.

Прво се судрија шампионот и лидерот Бањаја и Меверик Вињалес кои малку фалеше и физички да се пресметаат во песокот. Веќе во следниот круг далеку пострашен беше сударот на Алекс Маркез и Лука Марини кои буквална останаа на асфалтот и беа во опасна ситуација да не бидат прегазени од останатите возачи кои со голема брзина минуваа покрај нив.

Во една таква трка Безеки и Марк Маркез останаа во игра за првите две места и водеа голема битка за јубилејната победа во Мото ГП.

Сепак, на два круга до крајот Марк Маркез од Репсол Хонда излета од трката и остана без пласман со што му овозможи на наследникот на Валентино Роси да стигне до победата, за него втора оваа сезона во шампионатот.

Трката не ја завршија дури осум возачи, Вињалес, Марк и Алекс Маркез, Ринс, Бањаја, Милер, Мир и Марини.

Со новите 25 бода сега Безеки се проби на второто место во генералниот пласман со 93 бода, само еден помалку од лидерот Бањаја кој има 94. На третото место се наоѓа Бред Биндер од КТМ со 81 бод, па следуваат Мартин со 80, Зарко собра 66, а Марини 54 бода. Кај конструкторите Дукати е лидер со 174 бода, пред КТМ со 103 и Априлија со 80 бода.

Следната трка се вози дури за еден месец на 11 јуни кога на програмата е трката за ГН на Италија на легендарната патека Муџело.

Томислав Атанасовски