Одбојкарите на Струмица Ников се старо-новите шампиони на Македонија. Во финалната серија со велешки ГОК Борец, струмичани до 10-тиот трофеј првак на Македонија стигаа со максимали 3:0 во победи.

Ова откако попладнево во третиот финален меч одигран во салата „парк“ во Струмица, домаќините славеа триумф со 3:0 во сетови.

До половината на првиот сет се играше рамноправно кога ко минималното водство 13-12, домаќините направија серија од 6-1 за водство од 19-13. Борец успа да ја преполови и да намали на 20-17, но до крајот на сетот освои само еден поен, па Струмица го доби сетот со 25-18, за водство од 1:0

Во вториот сет, голема борба. По израмнетите 11-11, гостите од Велес одиграа далеку подобро, па имаа и четири поени предност 16-12. Следуваше првиот пресврт и водство на струмичани од 22-21. Борец дојде во шанса за израмнување, но при резултат 24-22, велешани пропуштија две сет топки, па Струмица го освои сетот со 26-24.

Третиот сет беше само рутински одработен од струмичани кои го добија со 25-19 за конечни 3:0 во сетови.

За екипата на Струмица ова е 10-ти шампионски трофеј, а вкупно 19-ти во клупските витрини, откако и годинава се закитија со двојната „круна“ освојувајќи го Купот, а со тоа осми пат во една сезона триумфираа во двете натпреварувања.

Утре, дамите на Работнички Скопје и Јанта волеј ќе го играат својот трет натпревар, во кој ќе влезат со израмнети 1:1 во победи.