Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го играат најважниот натпревар во АБА лигата.
Сино-белите пред своите симпатизери во СЦ „Јане Сандански“ ја пречекуваат загрепска Цибона во натпревар од последното коло.

Овој дуел аеродромци по секоја цена мора да го добија, доколку сакаат да останат во игра за избегнување на последното место на табелата, што води во второлигашката конкуренција.

„Свесни сме дека ова е исклучително важен натпревар.
Во АБА лигата нема слаби противници, па без разлика на моменталната ситуација ќе мора максимално да ја репектираме Цибона.
Само со добра игра и максимална енергија, како и со гинење во одбраната од првата до последната секунда ќе може да дојдеме до посакуваната цел“,
вели капитенот Дамјан Стојановски.

Сепак, победа над Цибона не е гаранција за опстанок во елитната конкуренција. МЗТ во таква ситуација со нетрпение ќе го очекува утрешниот натпревар во Подгорица во кој Будуќност ќе го пречека Борац Чачак. Аеродромци ќе навиваат за црногорскиот шампион, бидејќи победа на српскиот претставник ќе значи и преселба на МЗТ во втората лига.

Но, прво мора да се одработи „домашната задача“, а потоа да се размислува на туѓата.

Затоа МЗТ Скопје попладнево мора да ја победи Цибона во натпреварот што започнува од 18 часот, а за кој вратите на „Јане Сандански“ ќе бидат ширум отворени.