Екипата на РК Вардар чекори кон 6-та титула во СЕХА лигата. Вардар и по големата предност во Скопје повторно немилосрдно ја победи Војводина со 6 разлика (32:26) и се пласираше во полуфиналето.

Одличен старт на натпреварот имаа ракометарите на Војводина со рано водство од 5:1, пред Владо Недановски, тренерот на Вардар, да повика тајмаут. Лошиот старт на мечот го „збесна“ Недановски. Играта на Вардар по тајмаутот се подобри, но Војводина до крајот на полувремето успеа да ја задржи предноста.

Феноменалниот пресврт во второ полувреме на Вардар, предводено од крилата Гоце Георгиевски и Јан Чувара го донесе конечниот резултат на натпреварот 32:26.

Најефикасен на натпреварот беше Гоце Ѓоргиевски, кој без промашување постигна 10 гола, Чувара додаде 7 додека Филип Талевски постигна 6. Симо Сијан како и во Скопје повторно беше најдобар стрелец за својата екипа со 9 гола.

Во полуфиналето Вардар ќе играат со подобриот од хрватската пресметка ППД Загреб – Нексе.

Вчера Еурофарм Пелистер по втор пат беше подобар од Татран Прешов и се пласира во полуфиналето, кое ќе се игра со подобриот од дуелот Партизан – Веспрем, каде што црно-белите во реваншот влегуваат со 15 голови предност.

Марио Петровски