Најдобрата женска ракометна репрезентација на Македонија, од вчера е на собир и се подготвува за двомечот со Украина.

Избраничките на селекторот, Љубомир Савевски на 8 и 11 април ќе ги играат бараж дуелите со  Украинките, преку кои нашите ракометарки ќе се обидат по подолг период повторно да изборат настап на Светското првенство, во случајов годинашното што ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска во период од 29 ноември до 17 декември.

За остварување на посакуваната цел, на нашите ракометарки ќе им биде неопходна голема поддршка од трибините, па затоа Ракометната федерација на Македонија, реши влезот за овој натпревар да биде слободен.

Првата средба, Македонија и Украина ќе ја играат во СЦ „Борис Трајковски“ во сабота со почеток од 19 часот, додека реваншот ќе се игра три дена подоцна во унгарскиот град Кишварда.