Македонскиот мотоциклист Христијан Бузалковски со епитетот БМУ европски првак се подготвува за новата сезона. Оваа за него ќе биде јубилејна 10.та сезона на натпреварите со мотори. Почетоците беа во 2014 година, кога Христијан и ги покажа своите афинитети кон овој спорт, а воедно и талентот. Успесите почнаа веднаш да се редат, а со голема помош од најблиските почнаа да стигнуваат и наградите и признанијата.

Ништо немаше да направам без поддршката од семејството, пред се од брат ми Никола, кој од самиот почеток е со мене и сметам дека тој е најголемиот виновник што сум во овој спорт и за сите резултати, истакна Бузалковски.

Сите почетоци се тешки, па такви биле и овие на Христијан. Но, не заборава како стигна до првата титула.

Моторот го купивме во кофа буквално по „багателна цена“ 400-450 евра. Го подготвувавме 2-3 години и во 2018 година стигна и шампионската титула, изјави Христијан.

Моторот веќе е во историја и се наоѓа во дневната соба, а за пет години од титулата (оваа година) ќе има и ревијално возење и повторно ќе оди „на место“. Инаку, до моторот се распоредени и безмалку 100-тина медали, пехари и признанија.

Последните титули Бузалковски ги освои во класата до 600 кубни сантиметри, а во новата сезона се подготвува за настап во нова класа до 1000 кубни сантиметри.

Мислам дека подготовките течат добро. Веќе имав можност да го возам моторот. Стартот на сезоната е во мај и сметам дека има уште време. Ќе има околу 20-25 трки сезонава, на почетокот на сезонава сум малку резервиран. Ќе биде добро ако бидам во ТОП 5, подиум или евентуално прво место ќе биде супер. Најважно е тоа што секогаш се трудам да бидам на високо ниво, заврши Бузалковски.

Од причина што во Македонија нема патека за натпревари, ниту пак за тренинзи, најчесто Бузалковски е на патеката во Серез.