Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром, останува во игра за опстанок во АБА лигата. Аеродромци вечерва пред својата публика го совладаа Задар со 84-80 во натпревар од 24-тото коло.

Сино-белите одлично го отворија натпреварот, го добија првиот период со 30-17, а во 14-минута водеа и со 23 поени разлика. Но, до крајот на полувремето гостите намалија на -13 (52-39).

Во второто полувреме, иако МЗТ набрзина постигна пет поени и стигна до +18, сепак до крајот на третиот период со избрзаните напади, му дозволи на противникот да дојде до -5 (70-65). Токму со таа предност се МЗТ влезе во завршните 100 секунди (82-77), за во завршните 51 сино-белите да имаат само +3 (82-79). Избраниците на Драган Николиќ повторно избираа во нападот и му дадоа можност на Задар да стигне до израмнување.

Затоа повторно избрзаните напади го доведоа МЗТ во ситуација да спасува што може. Среќа што Чампара промаши три од четирите слободни фрлања, па во последните 6,2 секунди Мајк Кефи со двете слободни фрлања, го спаси МЗТ кој победи со конечни 84-80.

Токму Американецот, Кефи со 23 поени беше најефикасниот играч во редовите на македонскиот шампион, за кој Страхиња Мичовиќ постигна 15, а Кеандре Кук придодаде 14.

Со оваа победа МЗТ останува во игра за избегнување на последното место на табелата, со една победа помалку од Борац Чачак кој денеска загуби на гостувањето кај Сплит убедливо со 113-99.

А, токму Сплит ќе биде следниот противник на МЗТ и тоа во петок 7 април (18 часот), во мечот што ќе се игра во Хрватска.

До крајот на лигашкиот дел остануваат уште две кола.

Претпоследно 25.коло
Сплит – МЗТ Скопје Аеродром Петок, 07.04.2023 18:00 часот
Борац Чачак – Црвена звезда Недела, 09.04.2023 19:00 часот

Последно 26.коло
МЗТ Скопје Аеродром – Цибона Петок, 14.04.2023 18:00 часот