МЗТ СКОПЈЕ А. ГО ПРЕЧЕКУВА ФМП ВО ДУЕЛ ОД АБА ЛИГАТА

Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром ги продолжува натпреварите во АБА лигата. попладнево аеродромци ќе го одиграат натпреварот од 20.коло, во кое за противник ќе го имаат тимот на ФМП Железник.

Репрезентативната пауза добро им дојде на поголемиот дел од избраниците на тренерот Драган Николиќ кој очекува тежок дуел, но и победа на неговиот тим.

„Имавме доволно време за одмор, поради што очекувам со голема енергија да влеземе во дуелот против ФМП. Играме против талентиран тим. Очекувам квалитетен дуел, пред полни трибини, а сигурен сум дека моите кошаркари ја сфаќаат важноста на оваа пресметка за нас, и дека ќе дадат сѐ од себе за да дојдеме до посакуваната победа“, изјави тренерот на аеродромци Николиќ.

И искусниот Бојан Крстевски верува дека со поддршка од трибините, МЗТ може до победа. 

„Пред нас е исклучително важен натпревар во борбата за опстанок, во кој треба да го дадеме најдоброто од нас. Играме пред нашите верни навивачи, кои верувам ќе бидат во голем број на трибините од каде ќе ни ја дадат потребната поддршка. Наша примарна цел е да ја искористиме предноста на домашниот терен и на крајот да се радуваме на победата, која ќе ни биде голем потстрек за останатиот дел од сезонава во АБА“, вели Крстевски.

МЗТ е на последното место со само три победи додека ФМП е осми со пет повеќе. 

Дуелот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и ФМП Железник што ќе се игра во СЦ Јане Сандански ќе започне до 18 часот.