Машката сениорска репрезентација изутринава во салата на СРЦ „Кале“ ги стартуваше мини-подготовките за она што следува во оваа седмица, и тоа како важна, во која се закажани последните два натпревари од вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2025 година.

На 23 февруари, во Левица, гостуваме на селекцијата на Словачка, и три дена подоцна, во Осло, уште еден гостински натпревар, против репрезентацијата на Норвешка.  

Со оглед на краткиот временски период по завршувањето на Куп-неделата во најголемиот дел од европските земји, вклучително и кај нас, нашиот најдобар тим ќе одработи само два тренинзи во својата „база“ во Скопје.

На првиот се појавија 17 кошаркари од поширокиот список на селекторот Алекандар Јончевски, иако беа повикани 24-ца

Јончевски не ќе може да смета на интернационалните Ненад Димитриевиќ и Андреј Јакимовски.

На тренингот се појавија:

Кристијан Николов (Коњаспор), Андреј Магдевски (Донар), Војдан Стојановски, Дамјан Робев, Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром), Адем Мекиќ (Темишвар), Филип Бакоч, Андреј Шошкиќ (Работнички), Ти-Џеј Шортс (Телеком Баскет Бон), Теодор Симиќ (Игокеа), Амар Хот (Феникс 2010), Стојан Ѓуроски (Оуренсе), Ваљмир Какруки, Лејсон Зеќири (Сигал Приштина), Андреј Маслинко (Пелистер), Максим Митевски (Гостивар), Страхил Николов (ТФТ Mozzart).

Сениорите ќе работат и вечерва, од 18.часот, а наредниот ден, во вторник, од 10 часот (собирот е пред СЦ „Борис Трајковски“) е тргнувањето за Словачка.

По четири одиграни кола, Македонија е лидер во групата „Д“, со максимален ефект, односно четири победи. За пласман во главните евро-квалификации, ни е потребна барем уште една победа во наредните две средби или евентуален пораз на некој од конкурентите, селекциите против кои и ги играме во февруарскиот „прозорец“.