Без изненадувања завршија првите денешни натпревари на Светското ракометно првенство во Полска и Шведска.

Фаворитите Словенија и Унгарија забележаа убедливи победи.

Словенците во дуелот од Б групата, ја надиграа Саудиска Арабија со 14 голови разлика 33-19. Словенија во второто коло ќе игра против ко-домаќинот на првенството Полска, селекција која вчера отворањето на првенството загуби од Франција со 26-24.

И Унгарците беа доминантни во дуелот со Јужна Кореја која ја победија со 35-27. Ова беше првиот меч од Д групата во која вечерва играат Исланд и Португалија.

Дебитантот на Мундијалот, селекцијата на Зеленортските острови ја оствари првата историска победа откако во дуелот од Ц групата го совлада Уругвај со 33-25. Вечерва во оваа конкуренција играат Шведска и Бразил.

Во најнеизвесниот меч од попладневната програма, Иран со 25-24 славеше против Чиле. Дуелот меѓу Шпанија и Црна Гора е вториот од 1.коло во оваа А група.