Македонските ракометари денеска во Скопје ќе го завезуваат настапот за Мундијалот во Германија следната година.
Репрезентацијата предводена од Кирил Лазаров во СЦ „Борис Трајковски“ брани огромна предност од седум голови од првиот меч во Прешов.
Селекторот Кирил Лазаров предупредува на максимална сериозност и бара силна поддршка од трибините за потврда на големиот успех.
Кузмановски и Лазаревски ги предводат нашите момци по десеттиот јубилеен пласман на Светските првенства во историјата на македонскиот ракомет.
Натпреварот започнува во 19 часот, а билетите се распродадени, па јасно е дека македонските ракометари ќе имаат голема поддршка и мотив повеќе за нова победа.
Натпреварот е централен настан на „Национален ден на ракометот“ организиран од куќата на ракометот.
Пред спортската арена ќе има големата забава во навивачката зона каде се очекуваат илјадници македонски фанови од сите градови.
Се започнува во 13 часот со голем турнир во мини-ракомет за најмладите македонски категории. Најмалку 20 екипи со дечиња родени 2016 и 2017 година ќе ги покажат своите вештини на паркетот. Од 14 часот пред салата „Борис Трајковски“ се отвора големата фан-зона со многу музика, забава и игри. Навивачите ги очекуваат бројни изненадувања, дружење со маскоти и вредни подарок-реквизити обезбедени од куќата на ракометот.



























