Македонскиот вицепрвак ТФТ попладнево го чека важен натпревар во регионалната кошаркарска АБА2 лига. Составот од скопската населба Тафталиџе, ќе го игра реванш четвртфинален меч против Златибор.

Избраниците на тренерот Боро Смилковски се пред императив на победа, доколку сакаат да ја сочуваат шансата за пласман во полуфиналето. ТФТ беше поразен во првиот меч одигран на гостински терен, па денеска друг избор освен триумф нема.

„Свесни за пропустите од првата средба ќе се обидеме подобро да го браниме шутот за три на Златибор, екипа со 37 погодени шутеви за три во последните два натпревари со преку 55% реализација.
Физичкиот пристап и концентрацијата се клучните фактори во обидот да ја продолжиме плејоф серијата.”, изјави тренерот Смилковски.

Натпреварот ТФТ – Златибор ќе се игра во салата „Лазар Лечиќ“ во скопски Градски парк, а ќе почне од 18 часот.