Женската ракометна репрезентација на Македонија попладнево ќе го игра четвртиот натпревар во квалификациите за Европскиот шампионат.
Во Куманово, македонските ракометарки сакаат да и се реваншираат на Белгија за поразот пред три дена на гостински терен (25-26).
Дека може да се надигруваат во Белгијките, избраничките на селекторот Кристијан Грчвски покажаа на првиот меч. Во него македонските ракометарки 53.минути имаа предност. Притисокот и падот на концентрацијата во финишот си го сторија своето. Токму тоа ќе мора црвено-жолтите да коригираат на денешниот меч.
Само со победа македонските ракометарки, барем теоретски, би ги задржале шансите за пласман на континенталниот собир. Ова имајќи во предвид дека, по овој меч на нашите ракометарки ќе им преостанат дуелите со фаворитите Германија и Словенија.
Освојувањето на третото место, е шансата да се вброиме меѓу четирите селекции од шесте квалификациски групи, кои ќе играат на првенството. Затоа, попладнево македонските ракометарки ќе дадат се од себе. Тие се надеваат и на голема поддршка од трибините, во обидот да се освојат првите бодови.
Дуелот во Куманово, меѓу Македонија и Белгија ќе почне од 17 часот.
Ивона Кимовска



































