Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола доби официјална потврда од УЕФА дека ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за ЕП, во кој репрезентацијата на Македонија до 21 година ќе се соочи со селекцијата на Италија.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со Општина Битола во период од речиси 40-на денови реализира инвестиција вредна околу 150.000 евра, со што стадионот доби значителни подобрувања и современ изглед.

Поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор.

Дополнително, теренот е обновен со механизација и лица ангажирани од федерацијата, со што е обезбедена максимална подготвеност за претстојниот натпревар.

Со вложувањата и направените интервенции стадионот „Петар Милошевски“ ги исполнува европските стандарди и станува домаќин на натпревари од високо ниво. Ова претставува значаен чекор за развојот на инфраструктура и за афирмација на фудбалот во Битола и регионот.

Вложувањата се дел од јасната стратегија на раководството на ФФМ за модернизација на стадионите низ државата.

Она што првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ го вети, подобрување на условите и враќање на фудбалот во Битола, денес е реалност и силна потврда дека македонскиот фудбал се движи во вистинска насока.

Македонските младинци новиот циклус на квалификации го почнуваат со гостувањето кај Полска на 5 септември.

Четири дена подоцна (9 септември) Македонија во Битола ќе ја пречека Италија.

Следете нé на социјалните мрежи