Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија, трет ден ги одработува подготовките за Мундијалските квалификации. 

Тимот на новиот селектор Марјан Илиевски е видно изменет во однос на претходните собири. Недостасуваат голем број на искусни репрезентативци, па подмладената Македонија, ќе мора да мине низ овие квалификации. 

Андреј Андоноски е дела од онаа генерација на играчи која минува низ природен процес на поминувањето.

Крилниот играч на МЗТ Скопје Аеродром вели дека заедно со неговите, условно земено, помлади репрезентативни колеги, се подготвени да одговорат на предизвиците кои следуваат, почнувајќи од оние натпревари од втората фаза од претквалификациите за Светскиот Куп 2027 година во Катар.    

„Повеќето од нас добро се знаеме, имаме играно заедно, како во младинските репрезентации, така и во сениорската. Оттука сметам дека тие два контролни натпревари ќе ни бидат добредојдени, за да се подготвиме подобро, и да влеземе што посилно во битните дуели“ – смета Андоноски.

Тој ќе треба да пополни дел од оние „внатрешни позиции“ во нашиот национален тим на оние четири натпревари од претквалификациите за место во главниот дел – квалификациите за Светскиот шампионат во 2027 година.

„Ќе дадеме се од себе. Јас лично како играч, а сигурен сум и дека сите мои соиграчи кои што се тука, исто така. Тоа што репрезентацијата е подмладена, е еден природен чекор кој што доаѓа со времето. И сите сме спремни за тоа. Подготвени сме за да го издржиме притисокот кој со себе го носат наредните предизвици“.