Пирова победа на македонските кошаркари во последниот натпревар од неуспешниот циклус квалификации за Европското првенство 2025-та.
Вечерва во СЦ „Кале“ во Скопје, Македонија ја победи Полска со 88-74 последното коло од квалификациите.
Натпреварот немаше никакво резултатско значење, бидејќи Македонија шансите за Евробаскет ги загуби по поразот од Естонија во петокот. Од друга страна Полска и онака ќе биде дел на Европскиот шампионат, бидејќи е една од четирите ко-домаќини на првенството.
Што се однесува до самиот натпревар. Освен во воведните пет минути кога гостите водеа, се натаму (резултатски) беше во полза на Македонија. Имаа македонските кошаркари најголеми +12 на стартот на последната четвртина. Противникот успеа да се доближи на -3, но не и да ја анулира негативата. Тогаш на сцена стапија Шорц и Маслинко, кои одново донесоа двоцифрена предност. Тоа се покажа и како решавачко, па Македонија ја впиша само втората победа во овие квалификации, двете над Полска.
Ти Џеј Шорц со 23 поени на кои додаде 4 асистенции беше прв стрелец во нашата репрезентација. Двоцифрени во македонскиот тим беа и Андреј Маслинко со 22, Лејсон Зекири 15 и Ненад Димитријевиќ 11 (5 скока и 4 асистенции).
И овој циклус не успеавме да се израдуваме на ново учество на големо натпреварување, па по десет, ќе почекаме најмалку уште четири години на ново.
Следно за нашата машка селекција ќе бидат претквалификациите за Светското првенство 2027, што ќе се играа во август месец летово.