Македонскиот првак Еурофарм Пелистер остана во игра за пласман во осминафиналето откако вечерва во Битола го совлада Динамо Букурешт со 25:24.

Директниот конкурент за шестото место Висла има ист број бодови по денешната победа над Фуксе Берлин со 32:27. Двете екипи сега имаат по 8 бодови на табелата во групата А.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер добро го почнаа дуелот и стигнаа до водство до 4:1, а потоа и до 7:4. Добрата игра битолчани ја продолжија до средината на првиот дел кога имаа и водство од 9:6. Но, тука почнаа проблемите за македонскиот првак пред се во играта во напад и реализацијата. По 12:10 Динамо Букурешт имаше серија од 3-0 за водство на полувреме од 13:12.

 

Гостите од Романија на стартот на вториот дел поведоа и со два разлика (15:13). Сепак, битолчани успеаја со серија од 3-0 да дојдат до предност од 16:15. Во овој период голманот Никола Митревски со неколку интервенции придонесе за водството, но нашиот тим влезе во серија грешки и не ги искористи шансите за повисоко водство. Во продолжението  македонскиот шампион имаше предност од еден гол. Сепак ниту еднаш не успеа да стигне до два разлика по 19:19. Во овој период пелистерци не реализираа и два седмерци (Кузмановски и Пешевски) за два разлика. 

Во 59.минута Тајник погоди за водство од 25:24 за Е.Пелистер, а во следниот напад Митревски одбрани и во последната минута македонскиот првак тргна по два разлика. 

На 50 секунди до крајот тренерот на битолчани Раул Алонсо побара тајм-аут. Почетничка грешка направи Хосни, која ја фрли топката во аут и последниот напад го имаа гостите од Букурешт. По тајм-ауот на тренерот на Динамо, Давид Дејвис нападот на гостите заврши со шут, но Митревски беше на вистинското место и со уште една одбрана донесе победа за Е.Пелистер.

Митревски натпреварот го заврши со 13 одбрани, а најефикасен на дуелот беше Доменик Тајник од Е.Пелистер со 6 голови.

Во следното коло Еурофарм Пелистер гостува кај Фуксе Берлин.