Кошаркарите на Работнички денеска ќе го играат претпоследниот натпревар во регионалната АБА2 лигата.
Во рамките од 5.коло на „Б“ групата, Работнички ќе гостува кај црногорската екипа Сутјеска предводена од екс македонскиот Драган Бајиќ.
Македонскиот тим со четирите порази во исто толку одиграни натпревари, ги загуби шансите за пласман во плејофот. Сепак „црвените“ ќе се обидат да ја спасат честа и во последните два натпревари да остварат барем една победа.
„Мислам дека овој натпревар ни е најважен во моментов, доколку сакаме да останеме во трката за следната фаза. Работнички ги загуби сите шанси за понатамошен пласман и тоа може да биде меч со две острици.
Доаѓаат растеретени, без притисок. Мораме да влеземе во игра тактички зрели, да ги завршиме сите задачи што ги поставивме пред нас на најдобар начин, да бидеме агресивни“, изјави екс македонскиот селектор Бајиќ.
Вечерашниот натпревар меѓу Сутјеска и Работнички ќе се игра во терминот од 20 часот.
Утре своите натпревари од оваа рунда ќе ги играат и останатите два македонски екипи, Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром, кои исто така ќе гостуваат. Пелистерци за противник ќе го имаат Широки (18 часот), а МЗТ ќе игра во Тиват против Теодо (20 часот).