Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер се пред нов предизвик во Лигата на шампионите. Вечерва на домашен терен во салата „Боро Чурлевски“ во Битола го пречекуваат данскиот противник Фредериција. Тоа е единствената екипа против која пелистерци постигнаа победа.
Во последниот натпревар од групата 1 на гости битолчани се радуваа на триумф од 25:23, па така во денешниот натпревар ќе атакуваат на „дупла“ победа, со која ќе ги зголемат шансите за пласман на место во плејофот особено што би имале два триумфа над директен ривал.
На овој дуел свое деби на клупата на македонскиот првак ќе има шпанскиот тренер, Раул Алонсо. Новиот тренер со само три тренинзи ќе влезе во овој дуел од Лигата на шампионите.
Секој натпревар е различен кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство.
Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана.
Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали“, изјави шпанскиот тренер.
Еурофарм Пелистер се наоѓа на шестото место на табелата во групата 1 со три бодови, еден повеќе од Висла и Фредериција двете екипи кои треба да гостуваат во Битола.
Почетокот на натпреварот Е.Пелистер – Фредерција е во 20:45 часот.