Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер направија голем успех откако негативата од три голови во последните 90 секунди ја анулираа и одиграа нерешено 24:24 (15:13). Е.Пелистер направи „невозможна мисија“ откако се надминаа себе си и не му дозволија на Спортинг да стигне до нова победа. По 24:21 за Спортинг, Радивојевиќ, Борзаш, а на крајот и Павле Атанасијевиќ ја затресоа мрежата на гостинскиот голман и го донесоа првиот бод за македонскиот првак во Лигата на шампионите.

Но, битолчани заслужено стигнаа и до нерешениот резултат, а според прикажаната игра беа конкурентни на лидерот во групата во најголемиот дел од натпреварот и имаа водство. Во два наврати ракометарите на Е.Пелистер имаа проблеми со реализацијата, а по 21:19 и голот на капитенот Кузмановски домашната екипа гол не постигна 12 минути, а португалскиот тим имаше серија од 5-0 за водство од 24:21. По тајм аутот на Бранислав Ангеловски домашниот тим одигра перфектно, ефикасно во нападот, а со пресинг во одбраната и така стигнаа до нерешениот резултат. Голот за изедначување беше постигнат на пет секунди до крајот, а Павле Атанасијевиќ погоди од својот прв шут.

Кузмановски, Пешевски и Радивојевиќ постигнаа по 5 голови, а Митревски имаше 9 одбрани.

Во следното коло Е.Пелистер гостува кај Висла Плоцк на 17.октомври.