Македонскиот вицепрвак Пелистер утре пред своите симпатизери ќе го почне настапот во регионалната кошаркарска АБА2 лига.
Задачата во регионалното натпреварување ќе биде тешка бидејќи конкуренцијата е посилна, смета тренерот Александар Петровиќ
„Имаме квалитетна екипа, имаме одлична атмосфера и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето.
Секое натпреварување е значајно, Пелистер четврта сезона е во АБА2, но форматот е нов и поразличен од минатото.
Прва цел ни е да ја минеме првата фаза, а потоа и да се бориме за што подобар пласман.
Во АБА2 секако имаме поголема конкуренција, но она што можам да го ветам дека нема да бидеме во подредена улога против ниту еден ривал, подготвени сме за да одиме на победа на секој натпревар“,
изјави тренерот Петровиќ.
Амбициите на Пелистер за сезонава се големи, да се освои првиот трофеј. Во тоа битолчани не успеаја во првиот обид откако беа поразени во Супер купот на Македонија од МЗТ Скопје.
Дуелот меѓу Пелистер и Широки што ќе се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ ќе почне од 18 часот.