Младата фудбалска селекција на Македонија до 15 години запиша нова победа на развојниот турнир кој годинава се одржува во Молдавија.
Во втората рунда македонските таленти ја совладаа соодветната селекција на Андора со убедливи 3:0
Од самиот старт, Македонија наметна иницијатива. Тоа вроди со погодок уште во 14. минута. Крстевски по одличниот продор упати ефективен пас до Васовски, кој ја искористи одличната ситуација во која се најде и постигна гол за водство од 1:0.
Во 28. минута одлична можност за нашите фудбалери, Бочески испрати одличен удар од далечина, но голманот на Андора имаше одлична интервенција, со што не дозволи зголемување на водството. Во 35. минута и Васоски се најде во одлична можност, но неговиот удар заврши покрај голот на противникот.
Во продолжението, Крстевски и Алими не искористија нови добри прилики за погодок. Во 59. минута, сосема заслужено, нашите млади фудбалери преку Велески дојдоа до предност од 2:0. Во 90. минута Ристиќ по одличниот соло продор постигна нов погодок за Македонија со кој беа поставени конечните 3:0.
Во првото коло, младите фудбалери на Македонија ја совладаа Ерменија со 2:1. Во последното коло ќе се соочиме со домаќинот на турнирот, селекцијата на Молдавија.