Машката младинска репрезентација на Македонија за ракометари до 20 години денеска го почнува својот настап на Европскиот шампионат во Словенија.
На првенството во Целје, 24-те репрезентации се распоредени во шест групи. Македонските надежи во А групата за противници ќе ги имаат врсниците од Хрватска, Црна Гора и Австрија.
Во втората главната (втора) фаза, пласман ќе обезбедат двете првопласирани селекции од секоја група. Таму ќе одиграат по три дополнителни натпревари. Двете првопласирани селекции од условно четвртфиналните групи ќе обезбедат пласман во полуфиналето, односно дуелите за медал.
За Македонија ова ќе биде шесто учество на вакво Европските младински првенства. Најдобриот пласман црвено-жолтите го остварија во далечната 2002-ра година кога беа четвртото пласирани.
Инаку оваа репрезентација предводена од селекторот Радослав Стојановиќ, минатото лето настапи на СП за ракометари до 19 години и го освои 9-тото место.
Прв противник на македонските надежи денеска се нивните врсници од Црна Гора во дуелот што ќе почне од 12 часот. Во истиот термин утре ќе играат против Хрватска, а во третото коло во сабота (14.20 часот) противник е Австрија.