Македонската репрезентација против Словачка и Норвешка, брка една победа со која ќе го осигура првото место во предквалификациската група Д, за пласман на Европскиот шампионат, а со тоа и директно ќе се пласира во главниот круг од квалификациите.
Еден од поискусните во нашиот национален состав, крилото Стојан Ѓуроски смета дека во тимот владее одлична атмосфера и дека тоа треба да се искористи уште на првиот натпревар во Левице.
„Знаеме дека противниците се тешки. Пред се Словаците кои играат добро дома, а сега се засилени со нивниот најдобар играч Боџански кој прави голема разлика. Но, ние си ја знаеме нашата игра, и со неколку мали промени во тактиката, ќе славиме победа уште на првиот натпревар и ќе го обезбедиме првото место што не води во главните квалификации“, вели Стојан Ѓуроски.
На гостувањето во Левице, македонската селекција патува со позитива од 4 поени, остварена на првиот меч во Скопје, кој црвено-жолтите го добија со 79-75. Натпреварот ќе се игра во четврток со почеток од 18 часот.