Екипата а Штип УГД е вториот финалист во одбојкарското првенство на Македонија во машка конкуренција.
Во полуфиналната „мајсторката“ штипјани како гости го совладаа Работнички со 3:1 во сетови и со 2-1 во победи ја доби полуфиналната серија, па закажаа финале со Струмица.
Гостите од Штип беа нешто подобри во првиот, континуирано имаа предност, а на крајот го добија со 25-21. Беа пред водство 2:0 во вториот гостинските одбојкари, имаа предност од водство 24-22, но не искористија две сет топки. На разлика го доби тој сет домаќинот со 28-26 за израмнување на 1:1.
Третиот сет мина во доминација на гостите кои брзо направија резултатска предност, па добрата игра во нападот ја крунисаа со убедливи 25-17, за водство од 2:1.
Голема „битка“ се водеше во четвртиот сет. Двата тима има свои добри и лоши периоди на игра, но ниту еден не успеа да создадоа поголема предност. Во завршницата домаќините имаат две сет топки, не ги искористија, но затоа штипјани ја искористија втората за 28-26 и конечни 3:1 во сетови, односно 2-1 во полуфиналето.
Така во финалната серија што треба да почне претстојниот викенд, ќе гледаме реприза на финалето од Купот. Во него штипјани беа подобри од актуелниот првак Струмица, но дали ќе можат и до двојна круна останува да видиме. Шампионската титула ќе ја освои тимот кој прв ќе дојде до три победи.
Потсетување дека во женското финале за титулата ќе се борат актуелниот шампион Работнилки и екипата на Струмица.