Екипата на Арсенал се пласира меѓу осумте најдобри во фудбалската Лига на шампиони.
Ова откако вечерва Арсенал пред своите симпатизери на „Емирати“ во Лондон, славеше во реванш осминафиналниот дуел против Порто со 4-2 по подоброто изведување на пенали.
Англискиот тим во финишот на првото полувреме (41.минута), ја анулира негативата од првиот меч во Португалија во кој загуби со 0-1.
По перфектната акција и асистенцијата на Мартин Одегард, на велемајсторски начин Леандро Тросар ја погоди противничката мрежа за водство на Арсенал од 1-0.
Во вториот дел „топчиите“ имаа неколку шанси за гол, но изостана завршната реализација. Порто се обидуваше преку контри да го загрози голот на домаќините, но и тоа не донесе промена на резултатот.
Во продолженијата немаше ниту шанси за гол, па се пристапи кон изведување на пенали.
Во пенал „рулетот“ попрецизно, но и повеќе среќа и нерви имаа фудбалерите на Арсенал . Тие погодија четири наспроти двата на Порто, па со вкупен резултат 5-3 , Арсенал се пласира во четвртфиналето.
Таму веќе се: Манчестер Сити, Реал Мадрид, Баерн Минхен, а од вечерва и Барселона која го елиминира Наполи.
Последните два патници во четвртфиналето ќе ги дознаеме утревечер по дуелите, Атлетико Мадрид – Интер (0-1) и Борусија Дортмунд – ПСВ (1-1 прв натпревар.)