Последниот ден натпревари на четвртиот турнир во АБА2 лигата ги носи настапите на двата македонски претставници.
Први на паркетот во салата „Спенс“ во Нови Сад ќе излезат кошаркарите на Пелистер. Битолчани кои на овој турнир запишаа две победи ќе атакуваат и на третата.
Противник ќе им биде црногорската екипа на Сутјеска која во Нови Сад впиша два порази. Тоа е и еден од ривалите на Пелистер за место во разигрувањето, па триумф секако е императив.
Овој натпревар почнува точно напладне од 12 часот.
И шампионот МЗТ Скопје Аеродром ќе ја бркаат третата победа во Нови Сад. Но, аеродромци ќе имаат далеку потешка задача. Тие за противник ќе го имаат домашниот состав на Војводина кој во досегашните девет одиграни натпревари има само два порази, како и прво пласираните Златибор и Суботица.
МЗТ Скопје со шест победи е на шестото место на табелата, а нова во голема мера ќе ги направи реални шансите за пласман во плејофот.
Натпреварот МЗТ Скопје – Војводина ќе почне во 18 часот.