Машката кадетска репрезентација на Македонија со голема победа ги почнува квалификациите за Европското првенство во Црна Гора.
Во првиот натпревар од „скопската“ група, Македонија ја победи Словачка со 27-26.
Откако ја надминаа почетната трема, македонските кадети ја презедоа играта. Имаа и три гола предност во 13.минута (6-3). Таквата предност ја одржуваа до 26.минута (12-9). Но, во финишот на првиот дел му дозволија на противникот да се врати во игра и на полувреме се замина со израмнети 14-14.
Во вториот дел Словаците го свртеа резултатот и во 40.минута тие поведоа со три разлика (17-20). Сепак во следните десет минути црвено-жолтите успеаја да стигнат до израмнување 23-23.
Големата желба за триумф, борбеноста и пожртвуваноста за секоја топка донесоа и резултат.
Македонските надежи го свртеа резултатот во своја полза и поведоа со 26-24. Иако имаа шанса и за поголема предност, сепак на крајот заслужено славеа со гол разлика 27-26.
Јован Петрески со 8 голови беше најефикасен на натреварот и во нашата селекција за која Дамјан Митев постигна 5 гола.
Утре Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Швајцарија која убедливо со 33-19 го победи Косово.
Со денешната победа напите кадети прават голем чекор до едно од двете места кои водат на Европскиот шампионат.