Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер претрпеа нов пораз во дуелот од Лигата на шампионите. Вечерва на домашен терен загубија од хрватскиот прва Загреб ППД со 23:22 (13:10). Ова беше вкупно десетти пораз за битолчани во исто толку натпревари од А групата.
И денешниот натпревар македонскиот првак го почна со негатива која ја бркаше во текот на целиот дуел. Гостите од Загреб имаа водство од самиот почеток и во 15. минута водеа со + 5 (8:3), а таа предност ја имаа и во 22. минута (11:6). Позитивата од пет голови ја имаа и во 35. минута (15:10), но избраниците на тренерот Бранислав Ангеловски заиграат многу подобро и постепено го намалуваа водството на ривалот и во 49. минута изедначија на 18:18. Но, немаа сили за целосен пресврт. Загрепчани се одлепија на два разлика (20:18) и до крајот на дуелот постојано беа во водство со 1-2 гола предност.
За Загреб ова беше исклучително важна победа за влез во првите шест во групата со 10 бодови.
Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски со 8 голови беше најефикасен на дуелот, додека кај победникот Лука Ловре Кларица постигна 5 голови. Јунак на натпреварот беше голманот на Загреб Матеј Мандиќ со 19 одбрани.
Натпреварите од Лигата на шампионите продолжуваат на пролет, а Еурофарм Пелистер првиот дуел го игра во февруари против ПСЖ на домашен терен.