Пред почеток на квалификациите за Европското првенство во 2025 година, ФИБА го направи рангирањето на учесниците во овие квалификации.
Од репрезентациите во групата „Г“ меѓу кои е и Македонија, ФИБА очекувано најголеми шанси за пласман и дава на Србија. Српската репрезентација важи за севкупно шести фаворит во овие квалификации.
Нашиот прв противник на домашен терен (во недела во СРЦ „Кале“), е рангиран зад првата петорка. Пред Србинките се селекциите на Шпанија, Белгија, Франција, Унгарија и Германија.
Многу поназад на листата се нашите други два ривали на Македонија во квалификациите.
Репрезентацијата на Украина, со која ќе играме во наредниот „прозорец“ (ноември 2024 година), е на 19-тата позиција во европската зона на ФИБА.
Блиску до нив е репрезентацијата на Португалија, поставена е на 23-таа позиција. Затоа токму во дуелите со оваа селекција, избраничките на селекторот Александар Ашаданов ќе ја бараат шансата за некоја победа во овој репрезентативен циклус.
Инаку женската репрезентација на Македонија е најслабо рангирана во оваа конкуренција и се наоѓа на 35-тото место.