Младата машка репрезентација на Македонија за ракометари до 20 години славеше убедлива победа над врсниците од Турција со 15 голови разлика.

Во првиот од двата контролни натпревари што се играат во Анкара, Македонија ја совлада Турција со 34-19.

Уште по првото полувреме беше јасно дека избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ се далеку подобар тим од противникот. Црвено-жолтите на паузата заминаа со седум голови предност 18:11. Во вториот дел не застанаа со темпото, а тоа резултираше со убедлива победа изразена со 15 разлика (34-19).

Најефикасен на нашата репрезентација беше Петковски со 6, додека Узунчев и Тотиќ постигнаа по 4 голови.

Утре Македонија и Турција ќе одиграат уште еден натпревар.

Во втората половина на месецов, за нашата селекција претстои и настапот на силниот турнир во Романија „Трофеј Карпати“.

Инаку, овие натпревари како и сите што ќе следуваат во ЕХФ неделите, се подготовка за ЕП во Словенија следното лето.