Фудбалската федерација на Македонија до крајот на оваа седмица ќе ги заврши активности на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Проектот за целосно нова, хибридна подлога од најновата генерација е поставена на Националната арена по околу еден месец работа. Тоа опфати отстранување на претходната трева, поставување на новата подлога и целосно нов систем за одржување и наводнување на тревникот.
„Драго ми е што ќе ја видиме Националната арена „Тодор Проески“ во ново руво.
Ова е уште еден доказ дека инвестициите во инфраструктурата се фундаментален дел од нашиот пристап кон развојот на македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија помага и ќе помага и во иднина, наша обврска е да инвестираме во инфраструктурата која е основа на успехот на нашиот фудбал.
Би сакал да им се заблагодарам и на одговорните во Јавното претпријатие кое стопанисува со Националната арена за реализацијата на овој проект. Фудбалот и репрезентацијата ова го заслужуваат.
Со нетрпение го очекуваме претстојниот натпревар против Англија на новата трева на Националната арена и верувам, пред полни трибини за поддршка на македонската репрезентација“,
вели претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
На новиот тревник, најпрвин се работеше на поставување на вештачката површина, а потоа следуваше сеење на тревата, чии корени потоа се поцврсти и поиздржливи.
Природната трева создава густина и компактност, поради што во сезоната на најсилна вегетација разликата е практично невидлива.
Поставувањето на хибридна подлога би можело да биде ефикасно решение, се разбира доколку правилно се одржува и се користи на пропишаниот начин.
Новото руво на националната арена се подготвува за претстојниот натпревар против Англија.
Македонската репрезентација ќе го пречека фаворитот на 20 ноември во последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2024-та.