Mакедонскиoт вицепрвак Пелистер со победа ја почна новата сезона во АБА2 лигата. На првиот турнири што се одржува во Суботица, Пелистер славеше над тимот на Шенчур од Словенија со 82-78.
Пелистерци ги добија првите две четвртини (20-16 и 20-17) и на паузата заминаа со седум поени предност (40-33). Во второто полувреме битолчани имаа и најголеми 12 предност, но лошата игра во последниот период ги доведе во ситуација да стрепат за победата. На 17 секунди до крајот, со реализираните две слободни фрлања, Шенчур само втор пат на мечот стигна до израмнување 69-69. Во нападот за победа, Костовски не успеа да реализира победа, па се играа дополнителни пет минути.
Сепак во продолжението Пелистер не дозволи комплетен пресврт и заслужено се радуваше на победата со конечни 82-78.
Андреј Маслинко со 22 поени беше најдобриот стрелец на Пелистер, за Американецот, Бернард додаде 21.
Ова беше последниот натпревар од воведното, прво коло. Веднаш по него следува и првиот дуел од 2-то коло.
Во него од 18 часот повторно на паркетот ќе истрчаат кошаркарите на ТФТ. Екипата од Тафталиџе против Широки Бријег ќе се обиде да го поправи впечатокот од првата средба која за загуби од Златибор 74-93.
За Пелистер во петок следува големото македонско дерби против шампионот МЗТ Скопје, кој вчера беше декласиран од хрватската Цедевита јуниор.