Македонската фудбалска репрезентација одигра одличен натпревар против фаворитот Италија. Со евроголот на капитенот Енис Барди успеавме да одиграме 1:1 и да освоиме голем бод.
Првата најголема шанса дојде во 18-минута, после одличниот продор на Алиоски следуваше центаршут, а Миоски од само пет метри промаши.
Во 20-тата минута Тонали им избега на нашите дефанзивци, а неговиот удар заврши во стативата. Само минута подоцна после изведениот корнер, најдобро се снајде Кристанте но Столе Димитриевски имаше извонредна интервенција.
Вториот дел почна лошо за нашата селекција.
По само две минути игра (47) не решителноста на нашата одбрана гостите ја казнија. Барела ја затресе пречката од нашиот гол, а на одбиената топка налета Чиро Имобиле и донесе водство од 1:0 за Италија.
Тоа како да ги разбуди македонските фудбалери. Тргнаа по цврсто, по решително, ја презедоа играта и создаваа шанси.
Се играше 67-минута кога Македонија преку Елмас ја создаде првата шанса во вториот дел, меѓутоа неговиот удар беше за малку непрецизен.
Капитенот Енис Барди во 81.минута, со прекрасен гол од слободен удар го матираше Донарума и донесе израмнување од 1:1.
Европскиот првак јалово се обидуваше да стигне до втор гол, но црвено-жолтите беа решителни. На Италија може да биде и среќна што остана не поразена, а таквата игра на македонските фудбалери беше наградена со аплаузи и овации.
На арената присуствуваа 28.000 гледачи и после подолг период имавме убава глетка со полни трибини.