Најдобриот македонски одбојкар и капитен на репрезентацијата и покрај елиминацијата од Италија во 1/8 рече дека место за разочарување нема, туку напротив чувстува гордост затоа што Македонија дојде до ова ниво. На крајот се заблагодари на поддршката на сите

„Искрено, по натпреварот кога емоциите спаднаа по Италија, кај мене се чувствува задоволство и гордост. Ова беше тешко и напорно лето за нас, со многу натпревари, контроли, тренинзи. Сега кога заврши се, се чувствувам горд и чувствувам среќа. Успеавме да ја кренеме македонската одбојка едно скалило погоре, меѓу најдобрите 16 сме во Европа, тоа е еден наш сон кој го сонувавме од првото ЕП, а сега го остваривме. Натпреварот со Италија беше тежок, имавме одличен прв сет, но во вториот и третиот сет Италија покажа зошто е светски и европски првак. Тешко е со такви репрезентации да се игра на висока топка, честитки до ривалот за победата, а честитки и до нас и целата Федерација, до сите навивачи. За мене ова беше прекрасно доживување“, изјави Ѓорѓиев.