Репрезентацијата на Италија утре гостува во Скопје на Македонија во квалификациите за ЕУРО 2024.
Тоа ќе биде деби натпревар на новиот селектор на Азурите, Лучиано Спалети.
Доскорешниот предводник на шампионот Наполи, секако најдобро го познава нашиот „дијамант“ Ељиф Елмас.
„Добро го познавам Спалети. Очекувам повеќе промени во однос на дуелот во Палермо.
Тој ќе инсистира на потполна контрола на теренот, со голем и константен пресинг во текот на целиот меч. Очекувам високо да излезат, да имаат игра со многу посед. Игра во која Италија ќе доминира.
Ќе видиме дали тоа ќе им успее. Секако дека има разговори на темата со моите соиграчи од Наполи.
Сепак, професионалци сме и нема сентименталност. Кога ќе излеземе на терен да одработиме она што ќе го бара од нас селекторот.
Италија ќе излезе на терен за да победи, ние мораме да одиграме перфектно, доколку сакаме да оствариме позитивен резултат“,
изјави Елмас.
Дали тактиката на новиот италијански селектор или упорноста и „инаетот“ на македонските фудбалера ќе донесе резултат, останува да видиме по натпревар кој ќе почне во 20.45 часот.