Нов ден, нов голем натпревар за машката македонска одбојкарска репрезентација.
Откако вчеравечер ја победија Црна Гора и ја остварија втората победа на Европското првенство, македонските одбојкари денеска играат против Полска.
Овој натпревар треба да биде магнет за македонската публика, рече селекторот Миленковски по синоќешниот меч.
„Не треба многу да се трошат зборови за Полска. Тоа се одбојкари од друга планета. Ние нема што да загубиме, целта веќе ја остваривме, па против Полска ќе можеме растеретено да играме и едноставно да уживаме“, изјави Миленковски.
Полјаците се актуелни светски вице-прваци и трет бронзени од последното Европско првенство. Неодамна тие ја освоија и Светската лига, што само по себе ја потврдува констатацијата дека се работи за светска велесила.
Секој освоен поен, па можеби и сет, ќе биде само плус повеќе за македонските одбојкари, кој со двете победи го потврдија својот квалитет.
Мечот меѓу Македонија и Полска ќе се игра вечерва од 20 часот. Претходно во „скопската – Ц“ група од 17 часот ќе играат Данска и Црна Гора.
ТАБЕЛА
1. Полска 6 бодови (6-1 сетови),
2. Македонија 6 (6-1),
3. Холандија 6 (7-3) еден натпревар повеќе
4. Чешка 3 (3-7) еден натпревар повеќе
5. Данска 0 (2-6),
6. Црна Гора 0 (0-6),
* Четирите прво рангирани слекции обезбедуваат пласман во осминафиналето.