Европското првенство за одбојкари е во завршната фаза. Остануваат уште четири натпревари по кои ќе ги дознаеме носителите на медали.

На завршницата во Рим, денеска на програмата се полуфиналните натпревари.

Три од четирите репрезентации и на минатиот шампионати беа полуфиналисти. Ги нема Србите, но се враќаат Французите.

Тие ќе атакуваат на своето шесто финале, откако последен пат во него играа пред шест години кога освоија  злато.

„Триколорите“ ќе имаат тешка задача. Тие против себе ќе го имаат актуелниот светски и европски шампион Италија, кој ќе ја има и поддршката од публиката.

Дуелот меѓу Италија и Франција ќе се игра во вечерниот термин од 21 часот, а претходно ќе играат Полска и Словенија.

Овој меч практично е реприза од полуфиналните дуели на последните две Европски првенства.

Словенците во 2019-та и 2021-ва ги добија двата меча со идентични 3:1 во сетови, а подоцна го освоија сребрениот медал, додека Полјаците два пати беа бронзени.

Кој сега ќе биде поуспешен, останува да видиме во „пресметката“ што ќе започне од од 18 часот.