По еден ден одмор, македонските одбојкари се враќаат а обврските, подготовките за Европскиот шампионат, чиј ко-домаќин е и Скопје. Избраниците на селекторот Миленковски се враќаат во својата база СЦ „Борис Трајковски“ каде и ќе се играат натпреварите на европскиот шампионат.
Денеска во Агенцијата за млади и спорт, беше промовирана опремата во која македонските одбојкари ќе настапат на првенството.
Воедно имаа и можност од блиску да се сретнат со пехарот наменет за најдобрата селекција на континенталното првенство.
„Ние сме среќни што го гледаме овој пехар во живо. Тоа ќе биде мотив повеќе да одиграме уште поквалитетно на ЕП. Но, реално ќе биде тешко да стигнеме до него бидејќи конкуренцијата е исклучително силна и има многу поголеми фаворити од нас. Доколку ние успееме да се пласираме во втората фаза во Бари тоа би било, огромен успех, исто како да сме го освоиле ‘половина’ од овој пехар’’, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев.
Коментирајќи ја опремата капитенот не пропушти да се пошегува па додаде.
„Што се однесува до дресовите, тие се феноменални. Ако не бидеме први во групата, најдобри, тогаш сугурно ќе бидеме најуваби во салата Борис Трајковски“, вели капитенот.
Следуваат заеднички контролни тренинг-натпревари со Јапонците, од кои во Кавадарци црвено-жолтите загубија во меч со пет сета. Од петок до недела и натпревари на традиционалниот турнирот.